„Трипл-дабл“ на Шенгун, но повреда на Осман: Турција е полуфиналист на ЕП!

Кошаркарската репрезентација на Турција обезбеди пласман во полуфиналето на Евробаскетот, откако во Рига ја совлада Полска со резултат 91-77. Турците ја потврдија фаворитската улога, но мораа да поминат низ сериозна борба против мотивираниот и борбен полски состав.

Иако селекцијата на Атаман влезе во натпреварот со предност на хартија, Полјаците уште од првата четвртина покажаа дека нема лесно да се предадат. Почетокот беше израмнет и динамичен, Осман и Сипахи беа главните оружја на Турција, додека Ѓева и Лојд одговараа од другата страна. Првата четвртина заврши со израмнети 19-19, што наговестуваше неизвесност. Во втората четвртина Турците почнаа да го наметнуваат својот ритам. Шенгун ја презеде контролата под кошевите, а Османи и Ларкин придонесоа со важни поени. Полскиот селектор мораше да реагира со тајм-аут, но Турција успеа да ја задржи и зголеми двоцифрената предност. До полувреме, Турците изгледаа уверено и веќе чекореа кон полуфиналето.

Вториот дел донесе уште поизразена надмоќ. Шенгун постигна тројка за плус 15, а Хазер со „два плус еден“ ја закочи серијата на Полјаците. Сепак, најголемата грижа за Турција дојде во третиот период, кога Џеди Осман доживеа повреда по контакт со Понитка и со помош на медицинскиот тим го напушти теренот. Иако Понитка и Лојд се обидоа да ја оживеат надежта на Полска, Турција имаше одговор. Кормаз погоди две клучни тројки, а Хазер донесе стабилност во завршницата. На три и пол минути до крајот Полјаците намалија на минус осум, но тоа беше нивниот максимум, Турција веднаш возврати и го стави натпреварот под контрола.

Најдобар поединец во редовите на победникот беше Алперен Шенгун, кој блесна со трил-дабл: 19 поени, 11 скокови и 10 асистенции. Кај Полјаците најефикасни беа Лојд и Понитка со по 19 поени. Во полуфиналето, Турција ќе игра против победникот од дуелот меѓу Литванија и Грција, кој започнува вечерва од 20 часот.