„Трипл-дабл“ на Кметовска, Баскет Кам пресилен за „баделки“

Со две расположени, за игра, кошаркарки, тешко дека екипата на Бадел 1862 може, барем во овој момент, да биде конкурентна со екипата која ја брани титулата, но и другите трофеи освоени во текот на оваа сезона. Тоа се покажа и во дуелот од седмото последно коло во регуларниот дел од сезоната.

Кошаркарките на Баскет Кам 2011 стигнаа до убедлива гостинска победа од 63-89, за потврда на првата стартна позиција пред почетокот на плеј-оф натпреварите. Димова во победата вгради 24 поени и девет скока, Адамоска заврши со 21 поен, а Зубац реализираше 14 поени. Сепак, Ивана Кметовска беше играч на натпреварот. Не само поради „трипл-дабл“ ефектот од 13 поени, 14 скока и 11 асистенции, туку многу повеќе поради своето „присуство во рекетот“ на двете страни од игралиштето. Во домашната екипа, дефинитивно се одвоија Томпсон, со 29 поени и 11.скока, односно Баркли, која на 16 поени дојде и исто толку скокови (и три асистенции). 

Некогашниот шампион ќе го стартува четвртфиналето со серија против третопласираната екипа во оваа завршна фаза, Куманово-Гризли, која во мечот на одлука, на свој терен го победи МЗТ Скопје Аеродром со 60-46.

Прва лига (ж)
Седмо коло:

Бадел 1862 – Баскет Кам 2011 63-89
Крива Паланка – Струга 2009  71-49
Kуманово-Гризли – МЗТ Скопје Аеродром 60-46
8 април:
18:00: Пробаскет – Вардар