• Иван Димовски
Кошаркарите на Денвер Нагетс славеа во дербито со Лос Анџелес Лејкерс (120-113) во НБА лигата. Пресметката во „Бол Центарот“ во Колорадо понуди голема борба, а домашниот тим имаше повеќе нерви и енергија во завршницата да го одбрани рано стекнатото водство. Клучен исчекор кон победата Денвер направи уште во првиот период кој единствено го доби убедливо, а потоа до крајот сите три беа израмнети.
- Денвер Нагетс - ЛА Лејкерс:
Подобро профункционира дуото Никола Јокиќ - Џамал Мареј од она на Лејкерси, Дончиќ-Леброн. Српскиот центар го заврши мечот со „трипл-дабл“ од 28 поени, 13 асистенции и 12 скока, а и Мареј уфрли исто така 28. Од друга страна, Дончиќ беше најдобар кај Лејкерси со 27 поени и 11 скока, додека втор најдобар стрелец беше Хејс со 19.
„Кралот“ Леброн Џејмс го заврши мечот со 16 поени, а тоа беше доволно за да го надмине Карим Абдул Џабар по бројот на реализирани шутеви од игра. Ѕвездата на Лејкерси стигна до 15.838 погодени удари со што е нов лидер.
На останатите терени победи забележаа Орландо, Јута, Голден Стејт, Мајами, Минесота, Сан Антонио, Чикаго и Њу Орлеанс.





