ВИДЕО: „Трипл-дабл“ на Дончиќ во победата на Далас, Голден Стејт го декласира Чикаго

Кошаркарите на Далас Маверикс ја прекинаа серијата од единаесет победи во низа на Мемфис Гризлис и се радуваа во „ФедЕксФорум“ со 85-112. Домаќинот одигра одличен прв дел, ама потоа падна и тоа го искористија Мавси кои предводени од одличниот Лука Дончиќ дојдоа до победата. 

  • Мемфис Гризлис - Далас Маверикс: 

Словенечкиот плејмејкер со „трипл-дабл“ ефект беше најдобар на паркетот во Мемфис. Дончиќ уфрли 27 поени, а на нив надоврза 12 скока и десет асистенции за „само“ 32 минути на теренот. Далас успеа да го запре Џа Морант, кој запре на 19 поени, па така Гризлис загубија по долгата серија без пораз. 

Голден Стејт Вориорси ги заборавија поразите од Мемфис и Милвоки, па ги декласираа Булси среде Чикаго со 96-138. Убедливата партија на „воините“ беше одличен тимски перформанс во кој се истакнаа повеќе кошаркари. Дури шестмина завршија со двоцифрен број поени, а Чикаго немаше на што да се надева против расположениот ривал. Младиот Џонатан Куминга заврши како најефикасен со 25 поени, пред Пул со 22 и Вигинс со 21. Кај Чикаго најдобар беше Вајт со 20 уфрлени поени, а Стеф Кари заврши со еден помалку. 

На останатите терени, Феникс славеше во Индијана (94-112), Детроит триумфираше со Торонто (103-87), Орландо беше подобар од Шарлот (109-116), Филаделфија го надигра Бостон (111-99), Мајами ја доби Атланта (124-118), Кливленд победи кај Сан Антонио (109-114) и Сакраменто се радуваше против Хјустон (126-114).