„Трипл-дабл“ на Адамовска, Баскет Кам 2011 на чекор до титула!

Вториот натпревар од големото финале на женскиот плеј-оф, игран повторно во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица, донесе далеку подобра игра на екипата која го брани трофејот, Баскет Кам 2011 и заслужена победа против Бадел 1862 со 62-53. Тимот на Гоцевски сега води со 2-0 и се наоѓа на само една победа до шаммпионската титула.

По изедначеното прво полувреме, во кое изненадувачки, „баделки“ имаа еден поен предност (26-27), пресудна беше третата четвртина од вториот финален натпревар во оваа серија која треба да го даде новиот шампион на Македонија.

Периодот од 25 до 30 минута од играта во кој домашната екипа од негатива од два поени (36-38), стигна до резултатски пресврт. На крајот на третата четвртина, Баскет Кам 2011 поведе со 51-42 и предноста не ја испушти до крајот на натпреварот. Дуелот го одбележа едно неверојатно индивидуално остварување на Сања Адамовска.

Македонската репрезентативка одигра меч за паметење. Забележа „трипл-дабл“ ефект, до кој дојде преку реализација на 10 поени, исто толку асистенции, но и 11 скока во оние 40.минути кои ги помина на теренот. Момент кој навистина ретко се забележува во историјатот на финалните натпревари во женска кокуренција.