Трикратен НБА-првак по 15 години замина во пензија

Американскиот кошаркар Шон Ливингстон по петнаесет години во НБА-лигата реши да замине во пензија.

Информацијата тој ја објави на својот „инстаграм“ профил, каде напиша дека е задоволен од постигнатото и дека низ текот на кариерата успеал да го оствари својот сон.

„По 15 години во НБА, истовремено сум и тажен и среќен и благодарен. Тешко е да се објаснат емоциите и се што беше потребно да се направи за да се оствари сонот. Сите што успеале во такво нешто, знаат каква сила е потребна да се мотивирате и инспирирате во текот на целиот тој пат. Горд сум што мојот карактер беше на испит, можам да кажам дека успеав и преживеав“, напиша Ливингстон.

34-годишниот Ливингстон во НБА влезе во 2004 година во ЛА Клиперс. Потоа, тој играше и за Мајами, Оклахома, Вашингтон, Шарлот, Милвоки, Кливленд, Бруклин и Голден Стејт. Трите шампионски титули ги освои со „воините“, до 2015, 2017 и 2018 година.