• Зоран Мишевски
Три натпревари во сабота, два во неделниот термин, и уште еден во понеделник се на програмата од 18. коло од Првата лига. Првите два се играат во салата на СРЦ „Кале“, каде во улога на домаќини се екипите на Работнички и на ТФТ Mozzаrt.
Од 17:00 часот двојната програма во „Кале“ ќе ја отворат екипите на Работнички (скор 9-8) и Струмица 2022 (2-15), каде евидентно фаворитската улога им припаѓа на „црвено-белите“ кои во овој момент се на седмата позиција на табелата, далеку од оние водечките. Од друга страна, струмичани не знаат за победа (имаат само две во досегашниот дел од првенството), и ќе им биде навистина тешко да направат „брејк“ на овој меч.
Нешто подоцна, на истото место, од 19:30 часот закажан е дуелот помеѓу екипите на ТФТ Mozzart (11-6) и Навико Академија ФМП (3-14). Распоредот на силите е скоро идентичен како и на претходната натпревар. Извесно е дека „црно-белите“ ќе бараат начин за да заборават на лошата игра во претходното коло, и она гостување во Гевгелија каде загубија од Кожув. А ова е идеална прилика за тоа, ако се земе в предвид дека пред себе имаат тим кој ретко победува, зад кој се пет порази во серија, и место во долниот дел од табелата.
И третиот натпревар од саботната програма е во главнито град, но на другата страна од Скопје, во Аеродром. Од 20;30 часот, во СЦ „Јане Сандански“ играат екипите на Феникс 2010 (10-7) и на Кожув (8-9).
Откако се ослободија од некои странски кошаркари, кошаркарите на Феникс 2010 играат доста променливо во последно време, евидентирано на последните мечеви, особено последниот, на гостувањето во Кавадарци.
Се подобриот состав од Гевгелија има добра шанса со триумф против Феникс 2010, да се искачи и некое место погоре од моменталното – осмо. Гевгелиските „црвено-бели“ имаат четири победи во последните пет првенствени натпревари, и се во добра форма која може да ги однесе кон конечен успех на ова гостување.