Три АБА2 испити во шест дена за „ранетиот“ МЗТ Скопје

Во наредните шест дена, во Бања Лука ќе се одржуваат натпреварите од вториот турнир од АБА 2 лигата.

За жал, еден од македонските претставници, екипата на Работнички нема да биде дел од трите натпреварувачки рунди затоа што поради појава на корона вирус во нивните редови, „црвено-белите“ го откажаа настапот во главниот град на Република Српска, па нашата јавност ќе биде насочена кон настапите на кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром.

Популарните „металци“ во полн состав, со заздравениот Андрија Бојиќ, се веќе во Бања Лука каде го одработија својот прв официјален тренинг во пресрет на првиот натпревар во „балонот“ во кој ќе се одиграат натпреварите од 5, 6. и 7. коло.  Предвиден е вечерва од 21:00. часот, кога на другата страна на теренот за противник ќе ја имаат екипата на Хелиос од Домжале.

Освен овој дуел, за време на престојот во Бања Лука, „аеродромци“ ќе одиграат уште два натпревари. На 22 јануари (четврток) против екипата на Слобода Ужице (од 13:00 часот), додека два дена подоцна, на 24  јануари, следува и дерби-дуелот со екипата на Студентски Град (од 21:00 часот).  

По првиот турнир кој беше одржан на Златибор, екипата на МЗТ Скопје Аеродром со скор од три победи и еден пораз, се наоѓа на второто место на табелата.