• Зоран Мишевски

Последното, седмо коло од вториот дел на регуларната сезона во женскиот кошаркарски шампионат треба да ја тргне и последната дилема, која екипа од која позиција ќе го почне последниот дел, плеј-офот кој го дава новиот шампион, најдобрата во сезоната 2023/2024.
Пред се, за позицијата број три, на која во овој момент, пред последниот круг од натпреварувањето, за која конкурираат екипите на Куманово-Гризли и МЗТ Скопје Аеродром.
Во досегашниот дел од сезоната имаат идентичен ефект, односно по 12. победи и 8.порази. Па дуелот в недела во салата „Перо Наков“ во Куманово, ќе одлучи кој ќе заврши на третото место, и за противник во првиот круг од натпреварите во плеј-офот, ќе ја има шестопласираната екипа – Бадел 1862.
Поразената екипа во овој натпревар пак ќе заврши на четврттата позиција. И за ривал во четвртфиналето од доигрувањето за титулата ќе ја има екипата на Крива Паланка, која е петтопласирана, и не може да напредува на табелата. Без оглед на исходот од последниот меч, против Струга 2009 кој ќе се игра в сабота во салата „Бранител 2001“.
Во Скопје ќе се сретнат и Бадел 1862 и Баскет Кам 2011. Извесно е дека „баделки“ се шести, додека екипата од Македонска Каменица е број 1 и ќе го чека победникот на баражот во кој ќе играат осмопласираниот во регуларниот дел, Струга 2009, и најдобрата екипа во Првата Б лига по осумнаесет одиграни кола (Патриот 2016 или Тим Арена).
Второпласираниот Вардар гостува во Кавадарци, ќе игра против екипата на Пробаскет, со која е можно да ги одмери силите и во четвртфиналето од плеј-офот. Секако под услов кавадарчани да ги поминат бараж-средбите со екипата која ќе заврши како второпласирана во групата Б.
Прва А лига (ж)
Седмо коло:
Бадел 1862 – Баскет Кам 2011
Крива Паланка – Струга 2009
Куманово-Гризли – МЗТ Скопје Аеродром
Пробаскет – Вардар