Трет „трипл-дабл“ по ред на Јокиќ: Центарот на Денвер продолжи да урива рекорди во НБА

Центарот на Денвер, Никола Јокиќ, трет натпревар по ред го завршува со „трипл-дабл“ учинок и сега има вкупно 139 во кариерата, а овој запишан против Голден Стејт Вориорс му е осумнаесетти во тековната сезона. Шампионот имаше сигурен настап во Сан Франциско и извојува победа од 103-119.

Српскиот репрезентативец за 36 минути поминати на теренот против Голден Стејт постигна 32 поени, а за тоа време забележа 16 асистенции и 16 скокови, од кои 14 под сопствениот кош. Со овој нов одличен учинок, Јокиќ стана првиот кошаркар во историјата на најсилната лига во светот со најмалку 14 скока и исто толку асистенции во три последователни натпревари.

Во тимот на актуелниот шампион на НБА лигата, покрај Никола Јокиќ, одличен беше  и Џамал Мареј со 27 поени, а кај поразениот тим најефикасен беше Клеј Томпсон со 23 поени, а три помалку запиша Стеф Кари. 

Од синоќешната програма голема победа извојува и тимот на Сакраменто Кингс, кој на гости во Лос Анџелес славеше над домашниот тим на Клиперси со 107-123. 

Фокс со 32 и Барнс со 22 поени беа најпрецизни во победничкиот табор, додека за Клиперси се истакна Павел со 21 поен.