Тренинг победи и продолжение на мртвата трка на Бадел 1862 и ЖКК Вардар

Бадел 1862 и ЖКК Вардар ги оправдаа фаворитските улоги и запишаа победи во рамиите на 15. коло од Првата лига во кошарка за жени. Успешни игри забележаа и следбениците на табелата, екипите на Баскет КАМ, Струга 2009, и МЗТ Скопје.

„Баделки“ без проблеми, дури и со „вториот тим“, стигнаа до убедлива победа против екипата на Трокал (69-38). Вардарки пак беа успешни на гостувањето кај Пробаскет Академија, победија со (53-30).

Најинтересниот дуел требаше да биде оној помеѓу екипите на КАМ Баскет и на Крива Паланка. Сепак, на крајот убедлива победа однесоа младите кошаркарки од Македонска Каменица, (77-57).

Струга 2009 помина лесно во Делчево, го победи Патриот 2016 со позитива од 60 поени (22-82), додека МЗТ Скопје Аеродром беше многу подобар противник од Шкупи (80-34). Победа, шеста за нив во оваа сезона, остварија и кошаркарките на Гостивар 2009 во мечот против аутсајдерот Пантери со (60-35).