Тренерот на Борац го пофали ТФТ: Играме против атлетски одличен тим, ќе биде тешко

Македонскиот кошаркарски суперлигаш, ТФТ Скопје беше на чекор до титулата во АБА2 лигата, откако ја загуби финалната серија од плеј-офот од тимот на Широки

Но, шансата за пласман на тимот од Тафталиџе во елитното натпреварување, не застана тука, затоа што пред себе ќе имаат бараж соочување со тимот на Борац Чачак. Во пресрет на првото нивно соочување, тренерот на Борац, Саша Оцокољиќ, зборуваше со суперлативи за македонскиот тим.

„ТФТ игра исклучително добро оваа сезона, ги елиминираа Златибор и Сутјеска во плејофот и беа на чекор од освојување на АБА 2 лигата. Тим за респект, играат многу брзо и ја користат секоја можност да освојат лесни поени од контранапад. Тие исто така имаат голем талент и квалитет во играта еден на еден, а тоа, заедно со играта пик енд рол, е многу важен сегмент од нивната игра. Очекуваме исклучително тежок натпревар против атлетски одличен тим кој игра со многу брзо темпо и со голема енергија. Мора да се потрудиме да ја добиеме првата победа во серијата“, рече Оцокољиќ. 

Првиот натпревар се игра утре во Чачак, додека реваншот е закажан за три дена подоцна во Скопје.