Требаше да дојде во Европа, но се реши за пензија: Вестбрук „свирна“ крај!

Расел Вестбрук ја заврши професионалната кошаркарска кариера на 37-годишна возраст. Американскиот кошаркар одлуката ја соопшти преку социјалните мрежи, ставајќи крај на една од највпечатливите кариери во НБА лигата.

Вестбрук во НБА настапуваше од 2008 до 2026 година, откако на најголемата светска сцена стигна од престижниот универзитет УЦЛА. На драфтот беше избран од Оклахома Сити Тандер, каде што остана и по заминувањето на Кевин Дурант во Голден Стејт Вориорс. Во Оклахома прерасна во лидер на тимот и еден од најпопуларните играчи во лигата, а неговите „трипл-дабл“ настапи станаа заштитен знак. Тој е рекордер во историјата на НБА со 209 натпревари на кои остварил троен ефект, а во 2017 година беше прогласен за МВП на лигата. Девет пати настапи на Ол-стар, двапати беше МВП на Ол-стар натпреварот, а во идеалната петорка на НБА беше двапати. 

Вестбрук беше и дел од идеалниот дебитантски тим во 2009 година, двапати беше најдобар стрелец, трипати најдобар асистент во НБА и беше избран меѓу најдобрите играчи во историјата на лигата по повод 75-годишнината. На UCLA беше прогласен за најдобар дефанзивец, додека со репрезентацијата на САД освои две златни медали.

По периодот во Оклахома, Вестбрук настапуваше и за Хјустон Рокетс, Вашингтон Визардс, Лос Анџелес Лејкерс, Лос Анџелес Клиперс, Денвер Нагетс и Сакраменто Кингс, каде што ја одигра последната сезона во богатата кариера.