Трајковски како во најдобрите денови, но Феникс немоќен против ТФТ Mozzart

Екипата на ТФТ Mozzart по голема борба славеше над Феникс 2010 со 66-76 и така по подолго време врза две победи во домашниот шампионат. Со овие бодови тафталиџани се зацврстија на третото место, а теоретски имаат опции и за второто.​​

Стартот на скопското дерби мина во знакот на домашните кошаркари. Куп-финалистот тргна квалитетно и ефикасно и на крилјата на искусниот Бојан Трајковски за краток период се одлепи на девет поени разлика. Сепак, ТФТ во финишот беше нешто поефикасен и намали на пет негатива (24-19). Во вториот квартал настаните на паркетот се променија. Ланскиот освојувач на Купот влезе во посакуваниот ритам и успеа во целост да ја анулира домашната предност, па на полувреме се замина без водство на ниту една екипа (38-38).

Избраниците на Боро Смилковски и по паузата продолжија во ист стил и му зададоа големи проблеми на домаќините. ТФТ Mozzart се покажа во најдобро светло, го презде водството и во финалните десет минути влезе со предност од десет поени. Но, Феникс 2010 не се предаде, за краток период намали на подносливи два негатива (64-66) и најави неизвесен финиш. Сепак, кога беше најпотребно ТФТ Mozzart покажа квалитет и се избори за убедлива победа од 66-76.

Трајковски со „дабл-дабл' учинок беше најдобриот поединец на паркетот. Искусниот центар запиша 27 поени и 13 скока, додека во таборот на ТФТ прв стрелец беше Александар Костоски со 23 поени.