Трајковски издржа само една година во МЗТ, од наредната сезона ќе настапува во Унгарија

Екипата на МЗТ Скопје остана без еден од своите најдобри кошаркари, Бојан Трајковски. Искусниот центар потпиша едногодишен договор со унгарски Пакс и го напушти тимот од Аеродром по само една сезона.

Македонскиот репрезентативец промени огромен број на клубови во последните три години, а сега ќе се обиде да се наметне во унгарскиот шампионат. Оваа сезона во дресот на „штрковите“ тој запиша просек од 22,5 минути, 13,1 поени, 5,4 скока со реализација од поле од 35%.

Заедно со МЗТ, Трајковски се пласира во финалето на македонската Суперлига, но не успеа да стигне до трофејот. На патот им застана Работнички кој со три победи во низа се радуваше на титулата по седум години пауза.