Трајковски: Да ги надополниме двата порази од претходниот прозорец

Бојан Трајковски е еден од најискусните играчи во кошаркарската селекција на Македонија. Повратникот на списокот се појави на првата прозивка која е на „домашен погон“ во Скопје и тргна со тимот во подготовки за дуелите со Италија и Естонија.

Двете средби ќе се играат во „балон“ во Талин, а Трајковски вели дека без разлика на ривалите и нивниот состав, Македонија мора да верува во победа, затоа што само така ќе остане во игра за место на Евробаскетот.

„Сите се тестиравме, моментално сме негативни, а по следното тестирање кое ќе биде последно ќе знаеме кој ќе замине за Талин. На следните два меча сакаме да ги надополниме двата порази од претходниот прозорец. Сите посакуваме позитивен резултат, затоа што сакаме да играме на Европското првенство. Што се однесува до Естонија, јас не играв на првиот меч, но го гледав дуелот и можам да кажам дека ќе биде доста неизвесно. Предност им е домашниот терен. Без разлика во какви состави ќе играат ривалите, ние сакаме да победиме. Тоа е нашата цел“, изјави Трајковски.

Претстојниот турнир на ФИБА ќе се игра во Талин од 28 до 30 ноември. Македонија има два порази во воведните два меча, од Естонија во Скопје и од Русија на гостински терен.