Трајчевска: Не се плашиме, сметам дека можеме да се надигруваме со сите

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија е во Белгија, каде што вечерва ќе се судри со домашната селекција во рамките на квалификациите за Европското првенство. Во отсуство на Анџелика Митрашиновиќ, капитен на репрезентацијата ќе биде Нена Трајчевска.

Капитенката го најави гостувањето, се осврна на новото име во тимот и нагласи дека Македонија може да се надигрува.

„По цела година без тренинг, повторно се собравме, сепак, некомплетни. Ни недостасува најдобриот домашен играч, Анжелика Митрашиновиќ и уште неколку играчи од Италија кои не можат да бидат со нас. Факт е дека во изминатиот период трениравме некомплетни. Сепак, ќе дадеме сè од себе за да дојдеме до позитивен резултат. Против нас ќе имаме големи кошаркарски имиња, но ние нема да се предадеме.

Како засилување ја имаме Мерит Хемпе. Се работи за одлична личност, се запознавме и заедно сме неколку дена. Мислам дека многу ќе ни помогне на теренот Јас лично мислам дека можеме да се натпреваруваме со секоја репрезентација. Германија ни е попозната бидејќи игравме против неа во претходниот циклус. Белгија има неколку познати кошаркарки и е една од најсилните во Европа. Пак ќе кажам дека не се плашиме од никого, излегуваме да се натпреваруваме и ќе се бориме до крај“, изјави Трајчевска.

Пресметката во „Спортплаза“ во Леувен е закажана за вечерва со старт во 20:30 часот.