ВИДЕО: Торонто три минути не даде кош, Милвоки слави во првото источно финале

Екипата на Милвоки Бакс запиша победа на стартот на источното финале против Торонто Репторс (108-100), благодарение на неефикасниот и нервозен финиш на „репторси“ во воведниот меч кој се играше во домот на „елените“.

  • Извештај од натпреварот:

Милвоки диктираше темпо на игра цела средба и заслужено го освои целиот плен, меѓутоа Торонто покажа голема борба, посебно во во вториот дел од средбата. Најмногу што Милвоки водеше беше 13 поени разлика (13-26), а Торонто фати приклучок дури во последниот квартал, кога за првпат на мечот изедначи на 83-83.

Се играше неизвесно до 98-100 за Торонто, а потоа следеше „црна дупка“ која тимот го чинеше пораз. Во последните три минути, гостинот не успеа да постигне ниту еден поен. На спротивната страна, Милвоки го имаше расположениот Брук Лопез, а потоа и „пеналџиите“ Бледсо и Мидлтон, за конечни 108-100.

Феноменална партија на овој натпревар оствари Брук Лопез, кој заврши со „дабл-дабл“ од 29 поени и 11 скока. Го следеше Антетокумпо, исто така со „дабл-дабл“ ефект од 24 поени и 14 скока, а одличен беше и Мидлтон, кој беше третото име со „дабл-дабл“ во Милвоки со 11 поени и 11 дефанзивни скока. Кај Торонто, прва виолина беше Каваи Ленард со 31 поен и девет скока, а Кајл Лаури заврши со 30 поени и осум скока.

Наредниот меч од финалната серија на Истокот е закажан в петок, во 2:30 часот по полноќ исто така на теренот на Милвоки Бакс.