Торонто Репторс пред потпис со трофејниот италијански тренер

Екипата на Торонто Репторс од НБА-лигата е во сериозни преговори за ангажирање на искусниот италијански тренер Серџо Скариоло. Американските медиуми пишуваат дека Репторси имаат на „видикот“ три звучни тренерски имиња, но се претпоставува дека Скариоло е најблизу до потпишување договор со канадскиот тим. 

Управата на Торонто водела сериозни преговори со Стив Неш и Жорди Фернандез, но се чини дека токму Скариоло ќе биде новиот предводник на Репторси во следната сезона. Италијанецот освојуваше безброј трофеи во европската кошарка и важи за еден од најквалитетните и најискусните стратези на „стариот континент“, а и навивачите на социјалните мрежи пишуваат дека не би имале ништо против ангажманот на Скариоло. 

Тренерот го сметаат за најуспешен во репрезентативната кошарка, затоа што има освоено дури осум медали од големите натпреварувања како селектор на Шпанија. Тука спаѓаат четири европски злата, две бронзи, олимписко сребро од 2012 година, како и титулата Светски шампион од 2019 година. 

62-годишниот стручњак првиот трофеј во кариерата го освои во далечната 1990 година со италијанскиот тим Скаволини, а минатата година успеа да триумфира во Еврокупот со тимот на Виртус Болоња. Скариоло е добро познат во Торонто, затоа што три сезони работеше како помошник-тренер, вклучително и во шампионската сезона во 2019 година. Сега за прв пат има шанса да биде главен тренер на НБА-екипа и се очекува да ја прифати понудата без многу двоумење. 

Во неговата исклучително богата и трофејна кариера, Скариоло беше тренер на многу екипи, меѓу кои се Фортидудо Болоња, Скаволини, Басконија, Реал Мадрид, Уникаха Малага, Химки, Олимпија Милано и Виртус Болоња. 

Најнови вести од
НБА, САД