Томпсон ја пропушта цела сезона, Голден Стејт ја пронајде неговата замена

Убре

Голден Стејт Вориорс доби ужасни вести во пресрет на новата сезона. Клеј Томпсон ја повреди ахиловата тетива и ќе ја пропушти цела претстојна сезона.

Управата на тимот од Сан Франциско не чекаше многу за да ја пронајде неговата замена. Наскоро во дресот на „воините“ се очекува да го видиме талентираниот Кел Убре јуниор.

25-годишниот бек доаѓа од екипата на Оклахома Сити Тандер, која за својот кошаркар ќе добие и прв пик на драфтот наредната година. Минатата сезона Убре ја одигра во Феникс Санс, а пред неколку дена беше трејдуван во Тандерси, како дел од пакетот за Крис Пол.

Платата на новиот член на Вориорси изнесува 14,4 милиони долари. Сепак, за него екипата ќе мора да плати казна во вид на „луксузен данок“, поради што неговиот трансфер би можел да достигне над 80 милиони долари.

Отсуството на Томпсон никој нема да може целосно да го надополни. Се работи за еден од најдобрите шутери во лигата, кој пред неколку месеци се врати на тренинзите, по тешката повреда на коленото во финалето пред две сезони.