Толку од Србија: Аргентина одигра моќно и патува во полуфиналето на СП! 

Кошаркарската селекција на Аргентина приреди пријатно изненадување на Мундобаскетот во Кина, откако по моќна партија ја надигра големата Србија и патува во полуфиналето на овој планетарен собир (97-87). 

  • Извештај од натпреварот: 

Фаворитот на хартија ги преслика грешките против Шпанија и лошо го отвори мечот со разиграните „гаучоси“, кои водени од Скола и Гарино најавија дека немаат што да загубат на ова дерби и веднаш го презедоа водството, кое не го испуштија до крајот. 

Во првите десет минути, Аргентина делуваше поорганизирано во двата правци и во еден момент се одлепи на +7 (14-7), а на пауза замина само со два поени разлика (25-23). 

Србите со два брзи коша заводија на стартот на вториот дел, но Аргентина не дозволи противникот да ја води играта и со нова серија ја презеде контролата и предноста, која на полувреме изнесуваше пет поени (54-49). 

  • Играч на натпреварот: 

Ништо не се промени ниту во последните две четвртини. Кај јужноамерканската селекција се разиграа и Кампацо и Вилдоза, а Србија успеа само за момент да поведе со 68-70, по што следуваше нова офанзива на Аргентина и максимални 11 поени разлика, на три минути до крајот од мечот. Во клучните моменти Богдановиќ ја презеде одговорноста и реши сам да го врати фаворитот во игра, но иако беше незадржлив за Аргентинците, не успеа сам да се избори за поволен резултат за својата селекција (97-87)

Богдановиќ со 21, Бјелица со 18 и Јовиќ со 16 поени беа најпрецизни во таборот на Србија, додека кај победничката селекција фантастичен беше ветеранот Скола со 20 поени. Кампацо кој ја постигна клучната тројка на 40 секунди до крајот, мечот го заврши со 18 постигнати поени.