Тодоровиќ: Победата над Кожув за Маџари е мотив, но и потсетник!

Кошаркарите на Маџари го впишаа вториот сезонски триумф на тешкото гостување кај Кожув во Гевгелија (79-84). Скопскиот колектив ја запиша првата победа надвор од дома, а по натпреварот задоволството не го криеше тренерот Миодраг Тодоровиќ. 

Тој го искоментира мечот во Гевгелија и назначи колку е важна победата. 

„Горд сум на моите играчи. Покажаа огромна желба за надигрување, силна тимска хемија и докажаа дека се подобри од противникот, кој секогаш е тежок ривал на свој терен. Имавме контрола во поголемиот дел од натпреварот, но свесни сме дека има уште многу работа пред нас — особено во делот на реализацијата, слободните фрлања и загубените топки.

Ова е значајна победа и голем мотив за понатаму, но и потсетник дека мора да останеме приземни и фокусирани. Честитки до сите мои играчи за одличната игра, и покана до нашите навивачи да не поддржат и на следниот натпревар“, изјави Тодоровиќ.

Во следното седмо коло Маџари в сабота ќе го дочека тимот на Работнички на свој паркет.