Тодоровиќ: Името МЗТ само по себе има тежина, одиме по нов трофеј

МЗТ Скопје ќе го брани трофејот на турнирот во Купот на Македонија кој ќе се одржи во Битола. Салата „Боро Чурлевски“ ќе биде епицентар на мак-кошарката од четврток до сабота, а фаворитска улога веројатно пак има освојувачот на двојната круна лани. 

На преф-конференцијата пред натпреварите од Купот, местото на главниот тренер Атанасов го пополни неговиот помошник Миодраг Тодоровиќ, кој кажа:

„Пред сè да изразам задоволство што Купот се игра надвор од Скопје, сите нас треба да не радува што се појавуваат нови кошаркарски центри како што е Битола. Можеби Битола долго време важи за ракометен град, но верувам дека со развојот на кошарката и тоа ќе се помени. Самото име МЗТ Скопје носи своја тежина и како 11-кратен освојувач на купот одиме по нов трофеј.

Играме со Гостивар, тим предводен од тренер кој е легенда на македонската кошарка и кој ќе знае како да ја подготви својата екипа. Врзавме неколку победи на АБА2 турнирот, без лажна скромност ние доаѓаме за да го одбраниме трофејот. Веќе два пати ни успеа во првенството да освоиме титула во Битола, се надевам дека сега ќе освоиме и куп-трофеј од овој град“.

Прва пречка во одбраната на тронот за МЗТ Скопје ќе биде екипата на Гостивар, во натпревар кој се игра в четврток од 12:00 часот.