Тодоров за Самарџиски: Доколку имаше желба од двете страни, ќе ја решевме ситуацијата

Кошаркарската репрезентација на Македонија започна со подготовките за двата февруарски дуели против Естонија и Русија во рамките на квалификациите за Европското првенство идната година. На прес-конференцијата, меѓу стандардните изнесувања на очекувањата и анализа на противникот, селекторот Александар Тодоров зборуваше и за дел од играчите.

Тој беше прашан за единствената одбиена покана за настап, од искусниот центар Предраг Самарџиски. 

„Неговото образложение беше дека нема репрезентативна пауза во турското првенство. Уште на стартот кажав дека повеќе нема да има молење на играчи да настапуваат и ќе играат само тие што сакаат. Доколку имаше желба, можевме да испратиме молба до клубот или федерацијата и ќе се решеше ситуацијата“, истакна селекторот. 

Марко Симоновски заработи повик во скратениот список и покрај фактот што е без клуб речиси три месеци. Тој по напуштањето на МЗТ Скопје, не договори друг ангажман, а предводникот не смета дека тоа е проблем. 

„Уште од денот кога се договорив да бидам селектор и кога беше назначен кондициски тренер, Симоновски започна со подготовка за настап. Иако е без клуб, сметам дека може да помогне на составот. Има ризик, но Марко е искусен и верувам во него“, заврши Тодоров. 

Репрезентативците веќе одржаа еден тренинг, а до мечот со Естонија ќе тренираат уште четири пати и ќе одиграат тест дуел со Гостивар. На денешниот тренинг недостигаше само Ненад Димитријевиќ, кој поради клупските обврски подоцна ќе се приклучи на селекцијата.