Тодоров: Никој нема да го памети овој триумф, ако не ја победиме Естонија

Репрезентацијата на Македонија стигна до првата победа во квалификациите на Евробаскетот, слави над лидерот во групата Италија (87-78). Кошаркарите на нашата земја одиграа одличен меч, се надминаа себе сѝ и победија против фаворитот иако губеа со 50-34. 

Селекторот Александар Тодоров по натпреварот изјави дека е среќен за победата, но за жал најави дека Ненад Димитријевиќ нема да може да игра на последниот натпревар со Естонија. 

„Ова е многу поважна победа за нас. Ни дава шанса да веруваме и да сонуваме барем до утре. Останавме во игра за последното место на ЕП. Започнавме добро, но Италија имаше одличен шут за три поени, а тоа резултираше со предност за нив на полувреме. Знаевме дека кога ќе престанат да погодуваат, ќе се вратиме во натпреварот. Ги лимитиравме на одреден број поени, па така дојдовме во добра позиција. Одличен резултат за нас, особено за тим кој е во реконструкција и подмладување. Мораме да ја победиме и Естонија, инаку никој нема да ја памети победата.

За утре нема да има премногу промени, мора ги лимитираме грешките и да го кренеме нивото на агресивност во одбрана против Естонија. Покажавме карактер со Италија, но утре пак мора да докажеме дека победата не е случајна. Без оглед на тоа што ќе направиме утре против Естонија, јас сум горд на оваа група играчи. “, кажа селекторот. 

Македонија утре ќе игра против Естонија, меч кој може многу да одлучи за пласманот на континенталниот собир. Сепак, „црвено-жолтите“ прво ќе мораат да почекаат услуга од Русија, која денес игра со Естонците.