Тодоров: Македонија мора да покаже дека може да се носи со најсилните!

Кошаркарската репрезентација на Македонија ја очекуваат тешки неколку денови во Перм, каде ќе одигра четири квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство, од кои првиот е денес против Италија

Селекторот Александар Тодоров зборуваше за официјалниот сајт на КФСМ пред дуелот со „азурите“, призна дека е задоволен од прикажаното на тренинзите и го изнесе своето мислење за претстојните натпревари. 

„По точно една недела од првиот собир, од денеска ја почнуваме серијата од четири натпревари во период од пет дена. За нас ова е прв натпревар по пауза од точно една година. Се надевам дека ќе покажеме дека можеме да се ‘носиме’ со најсилните европски репрезентации како што беше случај минатиот февруари против Русија. Но во исто време и да потврдиме дека мечот со Естонија на домашен терен беше само лош ден.

Оваа нова генерација на Италија игра многу брза кошарка. Транзицијата и шутот за три поени ѝ се најсилно оружје. Дела Вале и Ричи се носители на нивната игра.  Двајца кошаркари на кои треба да посветиме најголемо внимание“, изјави Тодоров. 

Иако Македонија е аутсајдер, се очекува да пружат притисок против Италија и Русија, а потоа да ја нападнат Естонија за потенцијално место на европскиот самит. Пресметката против „азурите“ е закажана за денес со почеток од 15:30 часот.