Тодоров: Ако не веруваме во нас, тогаш – да не патуваме во „балонот“!

Кошаркарската репрезентација на Македонија тргна во подготовки за продолжението од квалификациите за Европското првенство. Селекторот Александар Тодоров на првата прозивка имаше 12 кошаркари од домашното првенство, додека странците ќе пристигнат директно во Талин.

Предводникот на нашата најдобра селекција е свесен дека мора да се победува на наредните средби за да се задржат шансите за континенталниот собир, на кој Македонија нема настап од 2015 година.

„Мотивацијата кај нас секогаш постои, затоа што се игра за репрезентација. Она што нам ни се случува овие денови, сигурен сум дека го чувствуваат сите. Единствено нешто што е сигурно во моментов е несигурноста поради пандемијата. Првиот циклус во февруари имавме само еден здравствен проблем. Сега направивме еден список од 12 играчи со кои ќе тренираме во Скопје, а другите ќе ги чекаме во Талин. Ќе имаме конечна слика по последните тестови. Ова е тешка ситуација за планирање“, вели Тодоров.

Противници на Македонија во „балонот“ во Талин ќе бидат Италија и Естонија. Во овие квалификации, нашиот национален тим од двата споменати ривали играше само со Естонија и доживеа тежок пораз во Скопје.

„Во 2020 година во Европа секој игра кошарка, нема слаба селекција. Во која група и да бевме, со кого да се падневме, секој меч ќе беше тежок. Естонија ја има предноста кога е домаќин, но ние и така ќе моравме да одиме во Талин да победиме без разлика на мечот во Скопје. И тие имаат свои проблеми, еднакво големи како нас. Во понеделник кога ќе допатуваме таму, кога ќе почнеме со тренинзи, ќе говориме поконкретно затоа што е втор меч. Италија има проблеми исто така, не знаеме со кои 12 ќе дојдат во Естонија. Кога ќе влеземе во тој „балон“ во Талин, секоја селекција ќе ги открие картите. Па и ние ќе ги дознаеме своите адути и ќе може да планираме нешто повеќе како тактика и скаутинг за противниците. Ако не постоеше шанса да победиме, немаше да патуваме за Талин, туку ќе останевме во Скопје и секој ќе си играше домашна лига. Сите се соочуваме со ковид-проблеми, ФИБА оцени дека мора да се игра, така што ќе одиме да се надигруваме“, заврши селекторот.

Во Скопје ќе бидат одработени вкупно четири тренинзи, а на 23. ноември, во раните утрински часови е планирано тргнувањето за Талин.