„Тишина е потребна“: Денот кога трофејните „кралеви“ ја загубија круната во Аеродром

Македонскиот кошаркарски првак, МЗТ Скопје на денешен ден го доживеа најголемиот успех во својата историја. „Металците“ пред 25 години направија чудо во „Јане Сандански“, или популарната „лименка“ и го совладаа големиот кошаркарски гигант и тогашен шесткратен европски првак, Реал Мадрид, со 69-68, во рамки на тогашниот „Еврокуп“ на ФИБА. 

Ден по победата на Работнички над Скаволини следеше уште една сензација во Еврокупот од страна на македонски тим. Аеродромци пред својата публика, пред повеќе од 1.500 гледачи одиграа историски меч за кој ќе зборуваат генерации и генерации. На колена пред „штрковите“ тогаш паднаа светски имиња како Хуан Антонио Оренга, Хуан Антонио Моралес, но и Дејан Бодирога, еден од најдобрите кошаркари на Балканот, како и Жељко Обрадовиќ, кошаркарскиот лисец кој подоцна станува најтрофеен тренер во Европа.

По поразот во Шпанија од 65-92 многумина го отпишаа МЗТ предвреме, но македонскиот клуб покажа заби и приреди вистинска сензација која се смета за една од најголемите успеси на македонската клупска кошарка. Херој на екипата беше македонската легенда Перо Блажевски, кој имаше мирна рака во финишот и двапати поентира од линијата за слободни фрлања на три секунди до крајот, за конечни 69-68. „Тишина е потребна“, кажа тогаш Љубомир Николовски, коментатор на телевизијата А1 на која имаше директен пренос, а Блажевски со мирен шут ги реши „кралевите“ и приреди големо славје во Аеродром кое траеше до раните утрински часови.

Тренерот Александар Књазев едвај го гледаше последното слободно фрлање на Блажевски за 69-68, а во последниот напад Оренга промаши шут од далечина за три и донесе лудило во тогашната сала во Аеродром која беше претесна да ги прими сите љубители на кошарката кои сакаа да го го гледаат епскиот меч против тогашниот најтрофеен клуб во Европа. Покрај Перо Блажевски, кој заврши со 22 поени, во таборот на МЗТ настапија Мирза Куртовиќ (15 поени), Врбица Стефанов (14 поени), Принц Марк Антонио Дин (11 поени), Игор Михајловски (4 поени), Ѓорѓи Књазев (3 поени), Дејан Димов и Тони Симиќ, имиња кои со златни букви се запишани во македонската клупска кошарка.

Навивачите на МЗТ Скопје, популарните „Фемили Аеродром“ години подоцна на прекрасен начин го „оживеаја“ моментот кога Блажевски ги шутира слободните фрлања, со одличен графит во населбата.

За МЗТ Скопје сезоната во Еврокупот во 1995/96 беше незаборавна на домашен терен, затоа што ги победија сите противници. Покрај Реал Мадрид, во „лудиот“ Аеродром во групната фаза паднаа Улм, Бенфика, Хапоел и Плама Плевен. Својот пат во европското натпреварување „штрковите“ го завршија меѓу 32-те најдобри, каде беа елиминирани од Порто со вкупен резултат 147-149 (73-69 во Скопје, 74-80 во Лисабон).

Интересно е што во Еврокупот таа сезона првак стана токму Реал Мадрид, кој го положи оружјето во Аеродром. Во финалето „кралевите“ ја совладаа италијанска Верона, со 78-64. Во продолжение, погледнете го целиот натпревар меѓу МЗТ Скопје и Реал Мадрид и преносот и репортажата на А1-телевизија, на кој може да подзавидат и денешните ТВ-станици со далеку подобра технологија.