Тимот на Тони Паркер има нова пеколна шутерска ѕвезда

Францускиот репрезентативец Силвен Франсиско и официјално е нов кошаркар на АСВЕЛ. Одличниот плејмејкер стави потпис на тригодишен договор и по пет години поминати во странство повторно ќе настапува во домашното првенство.

Франсиско во АСВЕЛ пристигнува по извонредна сезона во дресот на литвански Жалгирис, каде што се етаблираше како еден од најдобрите бекови во Евролигата. Благодарение на одличните настапи беше избран и во идеалната петорка на најсилното европско клупско натпреварување.

Во Вилербан ќе биде еден од главните носители на новиот проект на клубот, кој ќе го предводи легендарниот Тони Паркер. Поранешната НБА ѕвезда, покрај функциите сопственик и претседател, ја презеде и тренерската улога со амбиција повторно да го издигне АСВЕЛ.

Во изминатите пет години Франсиско настапуваше надвор од Франција, бранејќи ги боите на клубови од Шпанија, Грција, Германија и Литванија, а најголем впечаток остави во Жалгирис.

Минатата сезона во Евролигата бележеше просек од 16,5 поени, 6,5 асистенции и 2,9 скока по натпревар, притоа шутирајќи со речиси 39 проценти успешност за три поени.