Тимот на Илиевски шести пат по ред дома го победи Партизан!

Екипата на Цедевита Олимпија го пречека белградски Партизан во осмото коло од АБА лигата и продолжи во добра серија против него кога игра дома, со победа од 95-91. Околу шест илјади посетители присуствуваа на спектаклот во салата „Стожице“, кој му припадна на тимот во чии редови спортски директор е македонската кошаркарска легенда Владо Илиевски. Ова беше седма домашна победа по ред за Цедевита Олимпија како домаќин против Партизан во АБА.

Партизан за нијанса подобро го отвори натпреварот и имаше водство по првата четвртина, но Цедевита успеа да се врати во втората делница и поведе со 37-36, a до паузата видовме прилично рамноправна игра. Препелиќ и Доужер постигнаа по една тројка во последната минута од првиот дел, а резултатот на семафорот гласеше 51-50 за домашниот тим. 

Стартот на третата четвртина донесе период на игра „кош за кош“, а Јака Блажиќ кај домаќините беше во одличен ритам и веќе имаше 18 поени зад своето име. Цедевита делуваше доста мотивирано, но Доужер и Камински не дозволуваа домашниот тим да се „одлепи“, но до крајот од третата делница домашниот тим остана во водство, 73-71. Во последните десет минути, Цедевита ја преживеа драмата и го одбрани водството.

Најефикасен во екипата на Цедевита Олимпија беше Блажиќ, кој постигна 29 поени, додека во редовите на Партизан најмногу се истакна Камински со 20 поени. Во следното коло Партизан на домашен терен ќе се сретне со Борац од Чачак, додека Цедевита ќе има тешко гостување кај Будуќност во Подгорица.