Кошаркарската репрезентација на Македонија запиша голема победа во квалификациите за Европското првенство, откако попладнево одигра фантастичен натпревар против фаворизираната Италија и од негатива од 16 поени, стигна до заслужена победа од 87-78. Иако нашите момци катастрофално го отворија мечот и дозволија „аѕурите“ да се разиграат и да го диктираат темпото, кога беше најпотребно покажаа голем карактер и со неверојатен пресврт останаа во игра за пласман на континенталниот собир. Сега, навиваме на пораз на Естонија вечерва од Русија, а утре токму со Естонија ќе одлучуваме кому ќе припадне третото место во групата, последно кое води на Евробаскетот.