Тиквеш се разбуди во вториот дел и по пресврт му нанесе нов пораз на Вардар

Кошаркарите на Тиквеш ставија крај на лошата серија во Првата македонска кошаркарска лига и пред својата публика му го нанесоа деветтиот пораз на Вардар (78-72), во дербито на дното во македонскиот шампионат. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Тиквеш и Вардар:

Првото полувреме во целост му припадна на гостинските кошаркари. Вардар беше порасположен во нападот и во поцврст во одбраната. Во двете четвртини на домаќинот му дозволи по само 16 поени, додека со вкупно 43 на пауза замина со убедлива предност од 11 поени разлика.

Сепак, домашниот тим се разбуди во вистински момент. По полувремето Тиквеш успеа да ги консолидира своите редови, заигра поквалитетна кошарка и натпреварот го внесе во неизвесна завршница. Третиот квартал заврши со 24-17 за домаќините, а кавадарчани беа тие кои што го имаа завршниот збор во „Јасман“ и во драматична завршница славеа со 78-72.

За победничкиот тим блескава партија одигра српскиот кошаркар Пантелиќ, кој запиша 30 поени и 11 асистенции. За Вардар се истакна Глигоријевиќ со 19 поени.