• Горан Упале

Кошаркарите на Тиквеш ѝ ставија крај на серијата порази во домашниот шампионат и на денешното соочување со Куманово славеа заслужена победа од 84-83, нивна четврта во сезоната во Првата лига оваа сезона.
- Комплетниот натпревар меѓу Тиквеш и Куманово:
Дуелот во Кавадарци донесе многу возбудувања и неизвесност. Домашниот тим во натпреварот влезе како аутсајдер, но на паркетот сликата беше многу поразлична. Првата четвртина им припадна на кошаркарите на Тиквеш (25-23), а домаќините беа поквалитетни и поефикасни и во вторите десет минути и на полувреме заминаа со предност од осум поени (45-37).
Во третата четвртина се водеше израмнета битка, во која Тиквеш за уште еден поен го зголеми своето водство, додека во финалната Куманово доцна се разбуди и успеа да се избори само за пристоен пораз од 84-83.
Предводник на Тиквеш на овој натпревар беше Хил со 31 поени, а одличен учинок имаа и Младеновиќ и Пантелиќ со по 17 поени. За поразениот тим се истакна Радукиќ со 22 поени и 11 скока.