• Саше Љолес

Кошаркарите на МЗТ Скопје загубија од Тиквеш со конечни 75-80 во натпреварот од 22. коло во Првата македонска лига, кое воедно е и последно од регуларниот дел на сезоната.
- Комплетниот натпревар помеѓу МЗТ Скопје и Тиквеш:
Мечот не започна според планот на домаќините, Тиквеш одигра одлично на стартот и поведе со 2-8, но потоа „металците“ се соземаа и до истекот на првата четвртина намалија на -2 (18-20). Кавадарчани беа солидни и во вториот период, а на паузата резултатот гласеше 33-36 во корист на гостите.
Се очекуваше силен налет на аеродромци на стартот на второто полувреме, но никако не можеа да го пронајдат „рецептот“ за да го скршат ривалот. Мотивираните гости беа предводени од разиграниот Шо Андерсон и не дозволуваа лесен пресврт на МЗТ, со што најавија голема драма во завршните десет минути.
Момчињата на Васко Атанасов имаа пет поени негатива во 34. минута (63-68), но во овие моменти Тиквеш повторно заигра подобро и се „одлепи“ на девет поени предност. Се чинеше дека шампионот полека го губи здивот, но успеа да постигне серија поени и намали на само поен негатива (73-74). Сепак, кавадарчани успеаја подобро да се снајдат во финишот и на крајот славеа со конечни 75-80.
Со овој триумф Тиквеш ги задржува шансите за плеј-оф, но ќе мора да се надева на победа на Шкупи над Феникс 2010. Најефикасен во победничкиот тим беше Андерсон со 20 поени, а „дабл-дабл“ учинок од 10 поени и 10 асистенции имаше Ајзеа Хил. На спротивната страна ист деветнаесет поени постигна Дион Едвин.