• Мартин Танасковски
Париз како дебитант направи сензација и се пласира во четвртфиналето на Евролигата. Последниот скалп играчите на францускиот клуб го зедоа кога го совладаа Реал и тоа среде Мадрид, за место во следната рунда.
И тоа немаше да биде изненадување ако клубовите беа финансиски изедначени, а не едните при врвот, другите при дното. Врз основа на достапните податоци објавени од француски Basketeurope.com, Париз има годишен буџет за плата од само 5,6 милиони евра. Парижаните во овој сегмент се втор најевтин тим во Евролигата - само Алба издвојуваше помалку пари за платите на играчите и тренерите.
Колку за илустрација на малите примања на тимот кој влезе во плеј-офот во деби-сезоната, главната ѕвезда и македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс, добива само 450 илјади евра.
Остатокот од тимот го сочинуваат претежно европски играчи, кои до натпреварите во Париз немаа забележителни индивидуални настапи во Евролигата. Еден од нив е и Надир Хифи, кој во вторникот ја доби наградата „Ѕвезда во подем“.
Во плеј-офот, екипата на Париз ја чека серија со турски Фенербахче.