ТФТ во четири минути најде лек за Академија ФМП

Екипата на ТФТ Mozzart забележа важен триумф над Академија ФМП (86-75) во рамки на Првата лига и бодовно се изедначи со второпласираниот Пелистер на четири кола пред крајот на регуларниот дел.

  • Комплетниот натпревар меѓу ТФТ Mozzart и Академија ФМП:

Академија ФМП е во слободен пад, девет натпревари во низа не знае за победа, а на таа низа се надоврза и ТФТ, но доста се намачија избраниците на Боро Смилковски да го скршат отпорот на ривалот кој последен пат триумфира на 10 декември во дуелот со Куманово.

Разликата ТФТ ја направи во последните четири минути од мечот, кога на противникот не му дозволи да постигне поени. Беше 74-73, а потоа тимот на Смилковски ја стегна одбраната и имаше ефикасен напад. Костоски со тројка и Мекбраер со двојка го зададоа првиот удар (79-73), а потоа Костоски со нова тројка, како и Ташовски, го решија прашањето околу победникот.

Александар Костоски мечот го заврши со 21 поен, пред Ланклан Андерсон со 19 поени, додека Мекбраер и Ташовски беа двоцифрени, со 13, односно 10 поени. Кај Академија ФМП, Смит Меквен имаше 27 поени, пред Џонс со 18 и Бјелиќ со 15 поени.

ТФТ има скор 12-6 и е на делба на второто место со Пелистер, додека Академија ФМП е претпоследна со скор 3-15.