ТФТ тргна фуриозно, но загуби здив и потклекна пред Берое во БИБЛ

ТФТ со пораз ја отвори втората фаза од натпреварите во БИБЛ лигата, откако на домашен терен претрпе пораз од Берое од 83-87. Иако екипата од Тафталиџе подобро отвори и имаше предност, не успеа да ја задржи па гостите од Бугарија со цел плен си заминаа од Скопје. 

Стартот беше како од сон, ТФТ поведе со десет поени предност, а потоа стигнаа и до највисоките 25-10. Сепак, следеше пад во играта и Бугарите се вратија, па до полувремето ја презедоа контролата и имаа позитива од 43-56. Третиот период им припадна на скопјани, ја „стопија“ негативата, стигнаа до егал и еднаш поведоа. Во завршницата Берое беше посигурен, ја одржа резултатската контрола и на крајот запиша славје во Скопје. 

Најефикасен играч на средбата беше Ланклан Андерсон од ТФТ со 19 поени, а го следеше Тајрон Харис со 18, колку што имаше и Џејмс Гавин од Берое. 

Наредната средба за ТФТ е закажана за 10 март, кога ќе го дочекаат Гилбоа Галил, директниот ривал за втората позиција во групата Ф на БИБЛ лигата.