• Мартин Танасковски
Екипата на ТФТ Скопје продолжи со настапите на меѓународната сцена. По победите над Раднички и Војводина, тафталиџани излегоа на мегдан со Хелиос Домжале, а мечот во рамки на АБА-2 заврши со победа на гостите (83-84) во драматичен финиш.
Македонско-словенечкиот дуел во СРЦ „Кале“ беше израмнет, а прашањето околу победникот се реши во последните минути. Претходно, Домжале отвори подобро, имаше плус осум на почетокот (10-18), а во вториот квартал ТФТ одговори и дојде до плус шест (39-33).
Од тој момент, откако на пауза се замина со 41-36, мечот цело време беше неизвесен, со кратки блесоци на домаќинот на Смилковски. Во последниот квартал беше 72-72 на четири и пол минути до финишот. Судиите направија мала нервоза со неколку одлуки, ама тоа не влијаеше кај ТФТ кој влезе во серија.
Гордон и Говенс дадоа поени за 79-76, Хелиос возврати преку Ширц (79-78), па Говенс реализира две слободни (81-78). Словенците потоа пак погодија (81-80), Ташовски промаши тројка и се најавија проблемите со петта лична грешка на Сомервил. По две погодени слободни на Домжале, ТФТ загуби топка, а гостите погодија едно од двете слободни. Говенс во следниот напад погоди два пенали за 83-83, на семафорот имаше уште десет секунди и Словенците го имаа последниот збор. Изнудија две слободни на 2,7 секунди, Долничар погоди едно од двете, а домашните немаа време за напад за победа.
Говенс со 27 поени беше прво име кај ТФТ, пред Зафиров со 16 поени, додека кај Хелиос, Долничар имаше 27, а Маловчич 16 поени. Во следното АБА-2 коло, ТФТ гостува кај Широки Бријег.





