ТФТ „стопи“ 22 поени разлика, но загуби и се прости од сонот за полуфинале во БИБЛ

Берое Галил издржа во финишот и му го нанесе третиот пораз на ТФТ Скопје (91-90), во рамките на третото коло од втората фаза на БИБЛ лигата. Домаќинот имаше резултатска контрола во текот на целиот меч, но во финишот попушти, а ТФТ иако „стопи“ 22 поени разлика загуби со еден поен во финишот. 

По изедначениот старт, домашните кошаркари бргу поведоа двоцифрено и го контролираа темпото на игра. До полувремето разликата варираше околу двоцифрената граница, а со десет поени Берое замина на пауза (49-39). 

По полувремето, Берое уфрли во брзина повеќе и поведе уште поубедливо, па тогаш дојде и до највисоките +22. Екипата од Тафталиџе пружи отпор во завршниот период. ТФТ со серија од 11-0 се врати до минус три, што ветуваше интересна завршница. Иако одиграа добро и се бореа до самиот крај, Берое не дозволи изненадување и победи со само поен предност против македонскиот тим. 

За ТФТ ова беше третиот пораз во БИБЛ лигата, со што повеќе нема шанси за полуфинале.