ТФТ со супер-триото го освои Куманово и скокна на второто место

Македонскиот кошаркарски прволигаш ТФТ забележа нова победа, овој пат над Куманово (88-94) и скокна на второто место во Првата лига, веднаш зад лидерот Пелистер.

Тафталиџани покажаа моќ во Куманово и водени од стандардното трио Андерсон, Харис и Смит го разбија противникот на кој не му помогна ниту новиот тренер Игор Ѓорѓиевски. За ТФТ и Куманово ова беше четврта меѓусебна средба сезонава, вклучувајќи ги и дуелите во БИБЛ, па скорот е изедначен (2-2).

Избраниците на Смилковски играа солидно од период во период, а онаа мала разлика кај поените која ја правеа од квартал во квартал, на ТФТ му донесе солидна залиха пред влезот во последните десет минути. Во воведните три периода, највисоко што гостинот од Скопје водеше беше 13 поени (45-58), додека во последниот период, во еден момент разликата меѓу двата тима достигна 17 поени (64-81).

Најдобар во победата беше Ланклан Андерсон со 21 поен, пред Харис со 20 поени, додека Смит имаше „дабл-дабл“ од 16 поени и 13 скока. Исто така тројца кошаркари имаа учинок од по десет поени - Сапунџиев, Митревски и Николов. Кај Куманово, Рос реализира 18 поени, Андријевиќ имаше 16, додека Марковски и Џекиќ дадоа по 15 поени.

  • Комплетниот натпревар меѓу Куманово и ТФТ Скопје: 

ТФТ има скор 7-2 и е второпласиран пред Академија ФМП со 6-2, додека Куманово има скор 4-4 и се наоѓа на деветтото место.