ТФТ со сила за едно полувреме за крај против лидерот Хелиос

Македонскиот кошаркарски претставник во АБА-2 лигата, екипата на ТФТ Mozzart, доживеа нов пораз, овој пат од Хелиос Санс (93-61), фаворит на хартија кој ја искористи десеткуваноста на нашиот претставник и така тафталиџани ја завршија регионалната сезона.

ТФТ во овој балон пристигна десеткуван, остана и без Мекбраер кој се повреди, па тешко беше да се парира цел натпревар. Тимот на Боро Смилковски имаше одлично отворање на мечот и контрола на резултатот, но во второто полувреме целата тактика и игра се распадна поради кратката ротација.

Првата четвртина му припадна на ТФТ со 15-17, а разликата меѓу двата тима беше мала и на паузата, овој пат на страната на словенечкиот тим (40-39). Александар Костоски ја држеше играта на тафталиџани, на терен го одигра цело полувреме, а работите се сменија на стартот на вториот дел кога Хелиос влезе во ритам.

Во третата четвртина, ТФТ постигна едноцифрен број на поени. Таа заврши со резултат 24-9, тоа на словенечкиот тим му донесе огромна позитива (64-48) пред влезот во последните десет минути. Противникот го затвори мечот во шест минути од последниот квартал, кога резултатот со серија од 17-5 гласеше 81-53.

Најдобар кај стрелците кај македонскиот тим беше Батрик со 20 поени, пред Ташовски со 13, а Костоски постигна десет поени, додека кај Хелиос, Танстал даде 19, а Бачвиќ 12 поени. ТФТ Мozzart во 13 одиграни кола забележа три победи и десет порази. Вториот македонски претсавник во АБА-2, Пелистер, ќе игра во плеј-офот.