ТФТ со само ШЕСТ домашни кошаркари убедливо поразен во АБА-2!

Македонскиот кошаркарски тим ТФТ Скопје ги започна настапите во АБА-2 лигата со висок пораз. Црно-белите со статус на вицешампиони загубија на гостувањето кај Слобода Тузла со убедливи 61-106, во дуел во кој играа со само шест кошаркари.

Иако странските засилувања отпатуваа со тимот во Тузла, заради засега непознати причини, останаа на трибините и не играа. Меѓу нив беше и новото засилување Отас Ијекекполор, за кого беше најавено дека ќе дебитира, ама го немаше во ростерот.

Смилковски на овој меч имаше шест домашни играчи на располагање, тоа беа Матеј Митревски, Тома Стојаноски, Ѓорѓи Цветковски, Страхил Николов, Григориј Ѓорѓевиќ и Димитар Иванов. Очекувано, Слобода Тузла доминираше од првата до последната минута.

Асим Гутиќ беше прв поентер на мечот со 19 поени, а Јасмин Јакуповиќ имаше 13 поени кај победникот. Кај ТФТ, Тома Стојаноски заврши со 25 поени и седум скока, а Страхил Николов и Григориј Ѓорѓевиќ имаа по 12 поени.

Во следното коло на АБА-2 лигата кое се игра на крајот на октомври и почетокот на ноември, ТФТ се соочува со ново гостување, овој пат кај екипата на Херцеговац.