ТФТ со пораз од Балкан ја отвори втората фаза во БИБЛ-лигата

Македонскиот претставник во БИБЛ-лигата, екипата на ТФТ, тргна со пораз во втората фаза од натпреварувањето и загуби од бугарски Балкан Ботевград (82-97) на домашен терен во СРЦ „Кале“ и драстично си ги намали шансите за следна фаза.

Тафталиџани пренесоа два бода во втората рунда, но не успеаја да дојдат до нови потребни бодови во воведниот натпревар. Бугарскиот тим одигра добар натпревар кој цело време се контролираше.

За поразот на ТФТ пресуди втората четвртина во која избраниците на Боро Смилковски примија дури 31 поен (19-31) и на противникот му дозволија да создаде двоцифрена разлика која противникот ретко кога ја испушти на овој дуел.

Најдобар кај противникот кој играше со скратен ростер беше Дерик Маркс со 21 поен, пред Ахмад Рори со 18 поени, поддршка им беше Димитар Димитров со 17 поени. Кај македонскиот тим Ландриус Хортон постигна 19 поени, пред Михаел Нвазубор со 14 поени и Виктор Ташовски со 12 поени.

Следното коло од БИБЛ-лигата за ТФТ повторно носи домашен натпревар. Следи средба со израелска Макаби Хаифа (24 март).