ТФТ со лекција за Пелистер, во плеј-офот ја доби „двојката“!

Екипата на ТФТ Скопје одигра фантастичен дуел и со победа над Пелистер (79-67) во последната рунда од Првата лига ја осигура позицијата број два пред четвртфиналето во Првата лига. Така, ТФТ Скопје ќе игра со седмиот на табелата, кој ќе биде познат по одигрувањето на колото. Пелистер, пак, го чека својот пласман пред плеј-офот, но тој нема да биде повисок од петтата позиција.

  • Комплетниот натпревар меѓу ТФТ и Пелистер:

Дуелот почна израмнето, со тоа што Пелистер ја имаше повеќе контролата на резултатот. „Зелените“ беа во мал плус во текот на првиот квартал, пред се заради лошиот шут за три на ТФТ, кој имаше 0/7 од дистанца и се држеше во игра со добрата реализација во рекетот. Стајиќ беше мотивиран кај гостите и во десет минути оствари двоцифрен учинок (10 поени), а поддршка му беше Костоски, кој против екс-клубот даде две тројки.

Под обрачите ситуацијата ја користеше и центарот Галовеј, кој имаше офанзивна доминација со пет скока и „вадеше“ топка за шут од втора. Пресвртницата на натпреварот се случи кога од 23-27 за Пелистер, на ТФТ му тргна шутот за три. Четири тројки во низа погодија домашните, преку Гринли, Сапунџиев и двапати Браун, па го свртија дуелот на 39-31. Имаше контрола од тој момент тимот на Смилковски, кој не му дозволи на Пелистер да влезе пак во ритам како претходно. На полувремето домашните имаа 46-40, а работите напреднаа на отворањето на третиот период, во кој ТФТ поентираше полесно за разлика од збунетите пелистерци, па се замина на 64-49.

Во последните десет минути, домашните си го завршија мечот според планираното. ТФТ не дозволи никакво изненадување пред своите навивачи, резултатот цело време беше под контрола на кошаркарите на Боро Смилковски.

Најдобар стрелец кај победникот беше Браун со 23 поени, пред Зафиров со 12 поени, додека кај Пелистер, Антоан и Стајиќ завршија со по 14 постигнати поени.