ТФТ со фуриозен финиш го совлада Феникс и остана во игра за плеј-оф!

Екипата на ТФТ Скопје одигра фуриозно во последниот период против Феникс и со победата од 18 поени разлика остана во игра за местата кои што носат плеј-оф (58-76). Избраниците на Смилковски беа непогрешливи во периодот кога се кршеше резултатот и се искачија на третата позиција на табелата во Суперлигата, но со еден натпревар повеќе од ривалите за плеј-оф Гостивар и Еуро Никел. Феникс пак со овој пораз само потврди дека нема квалитети за место меѓу најдобрите четири во домашниот шампионат.

  • Комплетниот натпревар меѓу Феникс 2010 и ТФТ:

Воведните 10 минути во „Јане Сандански“ донесоа борбена и израмнета игра. Прв до водство стигна домашниот состав, кој имаше подобар старт, но гостите од Тавталиџе вратија соодветно и на првата мала пауза заминаа со позитива од два поени (15-17). Во вториот квартал играта на Феникс се распадна, пред сè заради цврстата одбрана на кошаркарите на ТФТ, па освојувачот на Купот на Македонија за првпат се одлепи на двоцифрена предност и поведе со 32-46 на полувреме.

По паузата момците на Смилковски го испуштија високото водство, постигнаа само осум поени во третите 10 минути и Феникс резултатски се врати во игра. Сепак, финалниот период мина во знакот на кошаркарите на ТФТ, кои одиграа речиси без грешка во напад и заслужено славеа со 58-76.

Николов со 15 поени и пет скока и Хортон со 14 поени беа најефикасни во таборот на победничкиот тим, додека за Фениск се истакнаа Петков со 15 и Митревски со 14 поени.