ТФТ Скопје за малку ќе прокоцкаше „+16“ против Осијек во АБА-2

Дебитантот во втората АБА лигат, ТФТ Скопје со многу проблеми ја забележа третата победа во регионалното натпреварување, откако во вториот натпревар на „балонот“ во Бања Лука славеше над Осијек од Хрватска со 74-70.

Македонскиот освојувач на Купот имаше брилијантен старт и уште по првата четвртина се избори за двоцифрена предност (24-14). Момците на Смилковски квалитетно ги одиграа и вторите десет минути и ја зачуваа сигурната предност на полувреме (40-32), по што следуваше нов блесок во третата четвртина и предност од највисоки 16 поени разлика (61-45). 

Следуваше неочекуван пад. Нападот беше без идеја, а одбраната лесно пробивна, па Осијек успеа да го искористи тоа и се врати во „живот“. Сепак, во клучните моменти ТФТ се консолидира и на крај извојува заслужена победа, трета во дебитантската сезона во АБА2 лигата.

Трент Бутрик со 24 поени беше прво име во македонскиот тим, додека кај поразените, Кристијан Бредфорд заврши со два поени помалку.