ТФТ Скопје се „распадна“ во вториот дел и убедливо загуби од Широки

Дебитантот во АБА2 лигата, ТФТ Скопје, претрпе уште еден висок пораз во регионалното натпреварување. Во вториот натпревар од „балонот“ во Бања Лука, скопскиот тим загуби со 81-58 oд Широки и направи чекор назад во трката за влез во плеј-офот.

По шокантниот пораз во претходното коло од најслабиот тим во лигата, Шенчур Крањ, се чинеше дека момците на Боро Смилковски ја вратија самодовербата и одиграа одлично прво полувреме против тимот од Босна и Херцеговина, но потоа нивната игра се распадна и доживеаја уште еден дебакл. Иако првиот квартал им припадна на кошаркарите на Широки (18-15), веќе во вторите десет минути ТФТ го прикажа најдоброто од себе и го презеде водството.

Костоски и Андерсон беа вистински лидери и на свој грб го водеа освојувачот на македонскиот Куп до 19-26 во втората четвртина и предност на полувреме од 37-41. Двајцата постигнаа по осум поени, а солиден беше и Бишоп со два поени помалку.

По одличното прво полувреме, следуваше катастрофално второ. Кошаркарите од Тавталиџе на паркет делуваа тотално немоќно, примија дури 44 поени, а постигнаа само 17, па тоа донесе и катастофален пораз од 23 поени разлика (81-58).

Костески со 14 поени и Бишоп и Андерсон со по десет беа најпрецизни за ТФТ, додека за победничкиот тим на Широки, 22 поени постигна Литл.