• Саше Љолес
Екипата на ТФТ Скопје доживеа убедлив пораз од тимот на Херцеговац со конечни 107-82 во натпреварот од второто коло во АБА2 лигата.
Избраниците на Боро Смилковски немаа своја вечер и целосно потклекнаа пред мотивираниот домаќин кој ја најави победата уште во првото полувреме. Херцеговац имаше предност од 21 поен на паузата (58-37), а потоа само рутински го доработи остатокот од мечот.
ТФТ одигра за нијанса подобро во третата четвртина, се обиде да парира и во последниот период, но немаше сили да спречи висок и убедлив пораз.
Најдобар поединец во победничкиот табор беше Рашун Дејвис со 17 поени, а во редовите на ТФТ петнаесет поени постигна Секој Сила. Уште 13 додаде Страхил Николов. За скопскиот состав ова беше втор неуспех во групата Б. Следен противник ќе му биде екипата на Подгорица. Овој дуел се игра на деветти декември.




