• Горан Упале
Koшаркарите на ТФТ Скопје ја забележаа третата победа во низа во АБА2 лигата која беше потврда на одличната форма и пласманот во плеј-офот во второлигашкото друштво. Во Скопје македонскиот тим го декласира Студент М-тел со 107-79. и застана на делба на третата позиција на табелата. На едно коло од крајот на лигашкиот дел, ТФТ е безбеден во плеј-оф зоната и ќе игра четвртфинале за пласман во елитата.
Четата на Смилковски моќно го започна натпреварот. Гордон беше нерешлива енигма за гостите и на негов погон ТФТ се избори за висока предност по првата четвртина. Американецот реализира 16 поени, а тимот од Тафталиџе се одлепи на единаесет поени предност (29-18).
Лидерот во македонскиот шампионат продолжи во ист ритам. Гордон доби поддршка од Дејвис Стенли и водството континуирано растеше. Малку фалеше да биде 20+, но и предноста од осумнаесет поени беше доволно за мирно второ полувреме (50-32).
Гостинот од Босна и Херцеговина ниту во второто полувреме не беше достоен противник за ТФТ и го забележа третиот пораз во низа, а македонскиот претставник со петтата победа се искачи на третата позиција на табелата.
Дури пет кошаркари на ТФТ завршија со двоцифрен учинок. Најпрецизен беше Гордон со 24 поени, па следуваа Стенли со 17 и Ташковски со 14 поени. Во последното коло противник на скопјани ќе биде Јахорина.





