• Мартин Танасковски
Екипата на ТФТ Скопје го одбрани домашниот терен и со победа над Златибор (87-79) израмни во плејоф-серијата во АБА-2 лигата на 1-1, па за место во следната рунда ќе следи „мајсторка“ која ќе се игра на гостински терен во Србија во последниот ден од март.
Златибор имаше далеку подобар прв дел од ТФТ и го искористи своето најголемо оружје резултатски да се одлепи, тоа беше шутот кој го послужи гостинот од Србија. Во еден момент, гостинот во „Лазар Лечиќ“ имаше огромни 18 поени позитива (27-45), но и тоа не беше доволно да се има мирен финиш знаејќи го темпераментот и играта на ТФТ.
Разликата на мечот ТФТ ја „стопи“ во третиот квартал, кога од 47-59, влезе во страшна серија. Тринаесет поени во низа даде тимот на Смилковски, за водство од 60-59 и оттогаш дуелот беше близок и неизвесен. Прашањето околу победникот се реши во финишот, во последните 150 секунди се влезе со 79-79, а по промашено слободно на ТФТ, следеа поени по офанзивен скок на Зафиров за 81-79.
По нереализиран напад на гостинот, следеа спектакуларни потези на Гордон и забивање на Самервил, за 83-79 и така ТФТ направи исчекор кон посакуваната победа. Дејвис имаше меч со 24 поени кај ТФТ, пред Виндел Гордон со 16 поени, а Говенс додаде 15, додека кај Златибор, Хантер-Витфилд имаше 18 поени.


